Бившиот директор на УБК и бизнесмен, Сашо Мијалков истиот ден кога се спогодил да лежи три години затвор за случајот „Империја“, поднел и барање за промена на живеалиште, објави порталот А1он.

Мијалков, како што наведува порталот, од скопски Капиштец се сели во Охрид, а барањето му било одобрено. Со Мијалков и предметот „Империја“ се преселил во охридскиот Основен суд. Од МВР, посочуваат дека промената на живеалиште е направена согласно законот.

– Во врска со вашите прашања ве информираме дека на ден 08.07.2022 година до Одделението за управни работи Охрид лицето С.М.(56) од Скопје поднесе барање за лична карта со приложување на потребната документација за промена на живеалиште од Скопје за Охрид. По добиеното барање, истото е проследено до полициската станица од општа надлежност Охрид за вршење на проверки, а по извршените проверки, донесено е решение за пријавување на живеалиште во Охрид, кое му е врачено на барателот, извршено е фотографирање за лична карта и истата му е издадена со адреса во Охрид“, посочуваат од МВР за А1он.

По Зоран Милески-Кичеец и Јордан Орце Камчев, Мијалков е третиот кој казната ќе ја издржува во затворот во Струга, кој е од отворен тип, и каде затворениците, практично, само за преспиваат.