Над 3,12 милиони луѓе влегле во Русија во вториот квартал на 2022 година за да работат, објави ТАСС во понеделникот повикувајќи се на податоци од ревизорската и консултантската мрежа FinExpertiza.
Според податоците на FinExpertiza, околу половина од сите работници мигранти (1,54 милиони луѓе) биле од Узбекистан, околу 52.000 дошле од Таџикистан и се поголем број работници пристигнале од Киргистан, Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Казахстан, Кина, Украина и Молдавија. Податоците покажуваат дека освен од поранешните советски републики, многу работници дошле од ЕУ, САД, Кина, Индија и ОАЕ.
– Во вториот квартал од 2022 година имало 4,16 милиони странци во регистарот за миграција. Од нив 3,12 милиони луѓе или 75% посочиле дека работата е главната причина заради која доаѓаат во Русија. Ова е рекордно висока квартална вредност за целиот период на расположливи статистички податоци од 2017 година, се вели во извештајот на аналитичката компанија, пренесува ТАСС.
Бројот на странски патници кои бараат работа во Русија е за третина повеќе од истиот период минатата година, кога 2,34 милиони странци дојдоа да работат во државата.
Според шефот на FinExpertiza, Елена Трубникова, првиот квартал од годината бил одбележан со одлив на мигранти-работници поради остриот пад на рубљата што се случи поради притисокот на санкциите кон Русија поврзани со војната во Украина. Сепак, бидејќи рубљата ја зацврсна вредноста на почетокот на април со новата монетарна политика на Русија и контрасанкциите, бројот на пристигнувања се зголеми. Според аналитичарот, додека некои од мигрантите претходно веќе биле во Русија, во последните три месеци се регистрирани многу нови лица.
– На ова влијаеше првенствено неочекувано силната рубља, како резултат на што рускиот пазар на труд стана поатрактивен за странците, бидејќи нивната заработка во странска валута се зголеми, рече таа.
Покрај зајакнувањето на рубљата, аналитичарите велат дека растот во градежната индустрија привлекол многу странски работници, бидејќи оваа сфера традиционално вработува голем број странци.
М.П.