Некако со ковидот немам среќа, пред две години и сега сум заразен со вирусот и тоа ме попречува во мојот ангажман. Но, сигурен сум и верувам дека бројот на советници на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово ќе се зголеми, а д-р Мевмед Џафери ќе биде новиот градоначалник во Маврово и Ростуше и покрај бројните нерегуларности на власта кои доаѓаат до мене како информација од терен, објави на Фејсбук претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој вчера доби позитивен тест на ковид-19.
Вели дека изминативе денови и понудил на власта излез од ќорсокакот во кој ја однесоа државата.
-Понудив на првата собраниска седница да се стави по предлог на владата точка со која ќе отпочне процесот за измени во Уставот и доколку власта на ДУИ и СДСМ обезбеди подршка од 80 пратеници, тогаш јас сум подготвен трајно да ја напуштам политиката (состојба која сум сигурен дека ќе ја израдува корумпираната и предавничка власт, криминалците но и инсталациите на власта денес, но и тие од минатото), во спротивно да одиме на предвремени парламентарни избори.
Зошто е ова решение?
Во првиот случај, ако навистина верува власта (како што брифира, директно или преку своите инсталации) дека има 80 пратеници, тогаш нема подобар начин да се потврдат тие политики и да се “вивнеме” со нив кон европските височини, а и ќе се спасат од мене во политиката, та нели е тоа цел во една политичка борба. Во вториот случај да одиме на предвремени избори и да оставиме народот да избере влада која ќе има народен кредибилитет, а не ваков инсталиран каков што има оваа влада. Фер понуда…, искрен да бидам очекував сериозно да размислат и барем еднаш да го стават државниот и народен интерес пред личниот (велам личен бидејќи таму веќе нема ниту партиски). Тие сепак ми потврдија дека сум бил оптимист, додека првиот човек во владата молчи (сигурно од ПР агенцијата му велат не одговарај ти, ќе одговориме преку прокси, а човекот има рејтинг едноцифрен процент) одговорија преку министерот за култура (развеселување), а денес слушнавме и дека тоа што до вчера беше најважно сега и не е толку важно, па ќе ни кажат дека тоа што во јули беше најважно и во септември почнуваме со уставните измени, сега во август и не е толку важно, имало време.
Што е вистината?
Власта не ја интересираат ниту европски височини, ниту европски вредности, туку исклучиво лични привилегии, корупција и многу украдени народни пари преку тендери во четири очи. Ниту имаат поддршка во парламентот за уставни измени, ниту пак ја заслужуваат овие политички измамници. Оттука прашањето околу уставните измени за ВМРО-ДПМНЕ е затворено.
А, власта се плаши од избори затоа што нема поддршка.
Солидарноста со овие политичари од власта подразбира поддршка на криминалот, корупцијата, беззаконието, неспособноста и предавствата. Затоа се потребни предвремени парламентарни избори, за Македонија да престане да губи, за да го вратат украденото и да одговараат, вели Мицкоски во објавата на социјалната мрежа.