Но, и змиите и кучињата сега може да се користат за напад на опозицијата, бидејќи Марин и Шилегов не се веќе градоначалници, а за волја на вистината и тогаш лаеја и касаа кучиња низ Аеродром, а ползеа и змии. Подолу целото драматично соопштение на СДСМ, со ограда граѓаните да не паничат, ништо не е алармантно:
Нема крај на хаосот и ужасот во кои граѓаните секојдневно живеат во општина Аеродром под раководство на ВМРО-ДПМНЕ и Муцунски, алармира во денешното соопштение СДСМ, кое во продолжение го објавуваме во целост:
Изминатите денови по социјалните мрежи се споделуваат голем број фотографии на граѓани од појавата на змии низ урбаните делови во општина Аеродром. Парковите, детските игралишта, паркинзите стануваат опасност по граѓаните на Аеродром.
Родителите се во страв за своите деца и секојдневно упатуваат апели до локалната власт да превземат мерки за неискосените тревници со цел да се спречи појавата на змии низ општината.
Покрај проблемот што се случува со зголемениот број на бездомни кучиња, сега поголем проблем е енормната појава на змии низ парковите во Аеродром.
Крајно неодговорниот пристап на градоначалникот Муцунски станува опасност по граѓаните на општина Аеродром. Преокупираноста на Муцунски со теми поврзани од централната политика и остварување на личните амбиции ги загрозува граѓаните на општина Аеродром.
Повикуваме општината веднаш да превземе мерки за справување со хаосот, неискосените тревници и расфрланиот шут и отпад веднаш да се исчистат.
Центар за односи со јавноста на СДСМ