Во Албанија има Македонци и никогаш немало Бугари, вели Никола Ѓурѓај, претседател на македонското здружение Илинден со седиште во Тирана, а кое има и ограноци во Голо Брдо и Гора во Албанија.
– Станува збор за побугарени Македоци и тоа за парии и други интереси, изјави Ѓурѓај за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Ѓурѓај, политички аналитичар и главен уредник на весникот Илинден додава:
– Тие кои се декларираат како Бугари во Голо Брдо и Гора во Албанија, знаат и самите дека се Македонци, но тоа се лица кои поради материјални интереси сега шират антимакедонска пропаганда, а сето оваа е поврзано и со севкупните состојби помеѓу Македонија и Бугарија, и притисоците на Софија за бугаризирање на Македонците, вели тој.
Коментирајќи ги актуелните активности на Бугарската амбасада во Тирана Ѓурѓај бара од официјална Албанија да преземе мерки за спречување на антмакедонската пропаганда од страна на Бугарија во Албанија.
– Оваа пропаганда од страна на Софија особено се зајакнува и по барањето на македонските здруженија во Албанија и македонската партија Македонска Алијанса за европска интеграција во Албанија, владата на Еди Рама да го прифати и формирањето на Голо Брдо и Гора како две нови општини во Албанија со македонско мнозинско население, вели Ѓурѓај за Радио Слободна Европа.