Бугарскиот вицепремиер за управување со европските фондови во техничката влада, Атанас Пеканов, на Твитер денеска напиша дека неговата земја е благодарна за поддршката на германскиот канцелар Олаф Шолц изразена вчера во Прага, Бугарија да стане полноправна членка на Шенген зоната, јави дописникот на МИА од Софија.
Според Пеканов, тоа е важен знак дека Бугарија ги исполнува сите услови и е подготвена да влезе во Шенген.
Пеканов додаде дека Европа е нејзината иднина.
Бугарското Министерство за надворешни работи со твит му се заблагодари и на германскиот канцелар Олаф Шолц за изразениот став и сподели дека пристапувањето на Бугарија во Шенген останува приоритет и очекува позитивна одлука од Европскиот совет за пристапување во Шенген зоната.
Дописникот на МИА од Софија потсетува дека германскиот канцелар за време на својот говор во Прага кажа дека Бугарија, Романија и Хрватска ги исполнуваат сите услови за да добијат полноправно членство во Шенген зоната.
– Шенген е едно од најголемите достигнувања на ЕУ и ние мора да го заштитиме и развиваме. Хрватска, Романија и Бугарија ги исполнуваат сите технички услови за полноправно членство. Ќе работам тие да станат полноправни членки, додаде Шолц вчера од Прага.