Видливо е проевропско крило во опозицијата која ќе ги поддржи уставните измени, истакна денеска првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби по одбележувањето на годишнината од формирањето на Агенцијата за национална безбедност.
-Јас сум апсолутен оптимист затоа што имаме апсолутна поддршка од сите проевропски сили во земјава и надвор во однос на уставните измени и во однос на продолжување на европскиот пат на нашата држава. Гледате дека ништо не се случи по одржувањето на меѓувладината конференција во Брисел. Се уште зборуваме македонски. И јас денеска зборувам македонски, пишуваме македонски и никој не не бугаризираше, не не асимилираше и сето тоа беше една лажна вест и една пропаганда исто како што беше лажна вест и Тиранската платформа и дека сите Македонци ќе мора да учат албански јазик или дека ќе се подели Македонија, истакна Груби.
Тој нагласи дека не се владее во државата со страв и дека не се владее со граѓаните со вметнување на секојдневни стравови, туку со соочување со реалноста.
-Реалноста е дека македонскиот јазик е официјален, ќе биде официјален во ЕУ, договорот со ФРОНТЕКС ќе се потпише на македонски и нашите секојдневни контакти со опозициски пратеници ни влеваат оптимизам дека тие ќе го поддржат тоа и гледаме веќе развивање на едно проевропско крило и во опозицијата што ме радува многу затоа што имаме потреба од опозиција која што е евроатлантски ориентирана посебно во овие предизвикувачки времиња за државата, истакна вицепремиерот Груби.
Потенцираше дека Владата не се крие од одговорноста во однос на овој процес како и дека гордо пристапува кон него, но и дека е убеден дека ќе останат на чело на уставни измени и дека проевропските сили во опозицијата ќе надвладеат контра регресивните, коишто, според него, не сакаат земјата да ја видат во ЕУ.