Унгарија потпиша договор со Русија за дополнително снабдување со гас, објави владиниот портпарол Золтан Ковач.
Според овој договор предвидено е гасот да пристигнува во Унгарија преку Србија.
– Договорено е во Унгарија да се испраќаат до 5,8 милиони кубни метри гас дневно „надополнително на договорената количина што е веќе на сила“, рече Ковач.
Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, кој моментално се состанува со другите министри за надворешни работи на ЕУ во Прага, изјави дека договорот со кој се предвидува гасот за Унгарија да се испраќа преку Србија, значи дека неговата земја зимава ќе има доволно гас.
Пред руската инвазија на Украина, Унгарија потпиша долгорочен договор за добивање 3,5 милијарди кубни метри гас годишно од Русија преку гасоводот Турски тек и уште една милијарда кубни метри гас од Австрија.
Унгарија е во голема мера зависна од руските енергетски извори и добива околу 80 отсто од гасот од Гаспром, поради што се противи на какви било санкции на ЕУ за рускиот гас.
Газпром ги прекина или ограничи испораките до 10 земји членки на ЕУ, а вчера привремено го затвори гасоводот Северен тек 1 преку кој стигнува гас за Германија.