Украинските сили денеска соопштија дека во рамки на контраофанзивата во јужниот дел на земјата уништиле складиште за муниција и понтонски мост и зазеле неколку локации.
– Уништено е складиште за непријателска муниција во близина на локацијата Томина Балка западно од градот Херсон, како и понтонски мост кај селото Лавов и контролен центар на руската армија југоисточно од Херсон, соопшти преку Фејсбук јужната команда на украинската армија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа најави преземање на две локации на југот и една на исток, без да се прецизира за кои места станува збор.
Претставникот на претседателската администрација, Кирило Тимошенко, изјави дека украинското знаме се вее во селото Високопилија во северниот дел на областа Херсон која речиси целосно е под контрола на руските сили.