Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на денешната седница заклучи дека нема основи и ја отфрли пријавата од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Охрид за судир на интереси против актуелниот државен јавен обвинител.
Софка Пејовска Дојчиновска, член на ДКСК, во образложението на предметот посочи дека обвинителот од Охрид во пријавата навел оти добил сознанија дека во ОЈО – Охрид била доставена одлука донесена од Јавниот обвинител на Република Македонија за негово оддалечување од работното место, а оваа одлука не била доставена и до него бидејќи во тој период бил на боледување.
Според пријавителот, со донесување на ваква одлука државниот јавен обвинител се довел во состојба на судир на интереси, бидејќи тој како кандидат за избор за Уставен судија, имал приватен интерес да го депласира пријавителот, појаснуваше Пејовска Дојчиновска, како негов противкандидат во постапката за избор на уставни судии.
ДКСК по разгледување на пријавата, не може да утврди дека постапувањето на државниот обвинител, во конкретниот предмет, претставува состојба на суди на интереси согласно Законот.
Членовите на ДКСК на седницата говореа и за повеќе предмети, главно поврзани со постапки за вработување на неопределено или на времено вработување, каде постоеле сомненија за корупција или за судир на интереси.
Така, еден од случаите односно предмет беше за вработување на лице како посебен советник за координација во кабинетот во едно од министерствата за плата од 54 илјади денари.
Во други два случаи имало вработување од страна на директори на училишта на своите сопруги. Во средното уметничко училиште во Скопје, директорот склучил спогодба за преземање од Основно училиште во Општина Илинден, на неговата сопруга. Како што информираа на седницата од ДКСК во однос на средното уметничко училиште во Скопје имало претходно и други четири – пет предемти.