Осумтемина пратеници на Алијанса за Албанците ќе ги поддржат уставните измени само под услов терминот „20 проценти”, кој е наведен како праг за употреба на јазикот на малцинствата во локалните средини, не се избрише од Уставот. Ставот на опозициската партија го обелодени нејзиниот потпретседател, Арбен Таравари, на прес-конференција во Гостивар, одговарајќи на новинарско прашање во врска со актуелностите околу уставните измени и предлогот за референдум на ВМРО ДПМНЕ.

Таравари смета дека сегашното владеачко мнозинство ги нема 80-те гласа во Парламентот за да спроведе уставни измени, а неговата партија од претходно го постави овој услов.

– Актуелната политичка ситуација е проблематична и колку што гледам тешко дека ќе се обезбедат 80 гласа. Како партија имаме барање, односно исполнување на еден предуслов. Нашите пратеници нема да гласаат за уставните измени доколку не се повлече „20 отсто” во уставот во делот на остварувањата на правата на една заедница, рече Таравари.

За референдумот и предлогот на ВМРО ДПМНЕ, тој смета дека тоа е повеќе работа на македонските партии и албанците не се многу загрижени за тоа. Албанците повеќе ги интересира почеток на преговорите на РСМ со ЕУ. Тој е дециден и нагласува дека преговорите ќе започнат откако ќе биде сменет уставот на земјава.

На прашањето дали прво ќе има предвремени избори или тие ќе се случат пред уставните измени, Таравари одговори дека изборите се сè поизвесни, бидејќи за нив нема поддршка од 80 гласа во парламентот.

„ВМРО-ДПМНЕ досега неколкупати го повтори ставот дека нема да поддржи уставни измени, додека вчера Владата ја дефинираше преговарачката рамка од која премиерот Ковачевски очекува земјата до 2030 година да стане полноправна членка на ЕУ. Тоа се дијаметрално спротивни ставови. За да нема предвремени избори, ќе мора сите политички субјекти да се ангажираат и да ја дадат својата поддршка за уставните измени“, рече Таравари.

Околу испразнетата лидерска позиција во партијата, Таравари посочи дека за две недели ќе се состане централното претседателство и ќе одлучи кој ќе биде в.д. претседател. Тој е еден од најспоменуваните за можен наследник на Зијадин Села, но како што нагласи, идниот претседател на АА ќе биде избран на конгрес.