Обединетите Арапски Емирати и Србија потпишаа договор, според кој Белград ќе добие една милијарда долари под исклучително поволни услови, со само три отсто камата, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ.

Вучиќ, кој е во дводневна посета на ОАЕ, за ТВ Пинк изјави дека според тој договор Србија добива една милијарда долари „под неверојатни услови“, и оцени дека тоа е „практично подарок“.

Вучиќ објасни дека во јануари доспеваат обврските од старите кредити кои Србија треба да ги врати, а за да не се трошат парите што ги има сега, а мора да купува скапа енергија на пазарот, со овие пари се обезбедува целосна ликвидност со солвентноста што ја има државата.

Вучиќ, кој е во посета на ОАЕ на покана на шефот на таа земја, шеикот Мухамед бин Зајед, потсети на одличните односи меѓу двете земји и им се заблагодари на ОАЕ за поддршката.

Според него, секогаш кога е тешко, Србија може да се потпре на ОАЕ.

Тој рече дека Србија ќе добие финансиска поддршка со половина од каматната стапка од онаа по која се задолжуваат западните земји и тоа, како што наведе, е огромна поддршка за домашниот буџет и финансии.

Тој додаде дека членките на ЕУ, како Унгарија и Романија, се задолжуваат со каматна стапка од шест отсто.

Изрази очекување дека Србија ќе постигне „стендбај“ аранжман со Меѓународниот монетарен фонд и дека таму ќе обезбеди дополнителна поддршка.

Тој рече дека разговарал за енергетската криза и нафтата и гасот со шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.

Тоа е една од причините зошто дадовме ваква поддршка, рече Вучиќ.

Повторно оцени дека следната зима, по претстојната, ќе биде уште потешка, а ќе има и криза со храна.

Тој рече дека и Србија мора да се подготви за тоа и оцени дека затоа пријателството со ОАЕ е од суштинско значење.

Во Абу Даби се и претставници на воената индустрија на Србија, бидејќи ОАЕ се заинтересирани за многу српски производи.