Речиси час и половина траеше посебното обраќање на српскиот претседател Александар Вучиќ пред вонредната седница народното Собрание каде единствена точка на дневен ред беше извештајот за преговорите со Приштина.
Во говорот Вучиќ уште еднаш повтори дека нема да има никакво признавање на независноста на Косово, но додаде и дека мора да се работи за деескалација на тензиите кои изминатиот период се засилуваат. Според него, на северот од Косово постои континуирана кампања за застрашување на српското население, а работа на политичарите од двете страни како што кажа тој е да не дозволат насилство.
-Со Косово и Метохија, таму, на тој наш простор, заеднички и српски и албански треба да пронајдеме живот. Живот за Србите, и ништо помалку живот за Албанците. Тоа е навистина тешка задача. Баш толку колку што животот е потежок од смртта, но е задача која мораме да ја завршиме за да преживееме, да опстоиме како држава и како народ. Се останато не води кон уште едно повлекување, кон уште една загуба и кон нова доза на залудни сништа кои никогаш никој нема да може да ги оствари. – Александар Вучиќ – Претседател на Србија
Во говорот Вучиќ истакна и дека не верува во никаков договор со актуелното раководство во Приштина, бидјеќи според него, косовската Влада не била заинтересирана за рационални аргументи и за почитување на меѓународното право. Причината за кризата во дијалогот Белград – Приштина пак ја префрли на како што кажа, непочитувањето на повелбата на ООН и резолуцијата 1244 од страна на западните држави. Вучиќ упати и критики кон косовскиот премиер Курти, кој пак по средбата со поранешниот висок претставник на ЕУ Питер Фејт истакна дека Косово била најдемократска земја на Западен Балкан. Односите на релација Белград – Приштина изминатиот период беа тензични и на раб на насилство, пред се, поради регистарските таблички на србите кои живеат на северот од Косово.