По информациите во јавноста дека викендов во Софија, пропаднале преговорите на работните групи, министерот за економија Крешник Бектеши уверува дека договор немало бидејќи се чекаат новите европски мерки со кои се очекува цената на електричната енергија да се ограничи на 180 евра за мегават час. Планот е доколку ова се реализира, договорените количини струја да бидат наменети за фирмите кои се на отворен пазар.
Додека се чека договорот со Бугарија, владин тим неделава оди во Турција на преговори за струја и гас. Министерот Бектеши најави дека заедно со директорот на МЕПСО Муртезани и на НЕР Бајрам Реџепи веќе во четврток патуваат за Истанбул, да разговараат за можностите, од таму да се обезбедуваат потребните енергенси за претстојната зима.
Бектеши денеска на средба со поглаварот на ИВЗ побара поддршка за штедење струја, а ваква средба најави и со МПЦ.
Во меѓувреме се бараат трајни решенија за зголемување на домашното производство, како изградба на деценискиот проект за хидроцентралата Чебрен, за која министерот за животна средина Нуредини изјави дека е можно да се потпише договор за градба кон почетокот на ноември.