Сопствениците на печки на дрва или пелети во Германија есенва се соочуваат со драстично зголемување на цените, објави денеска Федералното биро за статистика во Визбаден.
„Цените на огревното дрво и на пелетите во август се повисоки за 86 отсто во однос на истиот период лани“, се вели во соопштението на Сојузниот завод за статистика.
Значителниот пораст на цените се објаснува со зголемената побарувачка, но и со зголемените трошоци за транспорт и работна сила.
Цената на пелетите порасна за 108 отсто, што е значително повисока од стапката на поскапување во другите сектори, која во просек изнесува 45 отсто.
Германската влада со години го субвенционира купувањето печки на пелети како еколошки одржливо огревно дрво. Од почетокот на војната во Украина, побарувачката за печки на дрва и пелети во Германија нагло се зголеми.
Министерството за заштита на животната средина предупреди за законски пропишаните количества ситни честички за печки на дрва. Дозволени се само нови печки со вградени филтри, како и модернизирани постари печки.