Мнозинството пратеници во црногорскиот парламент – 41, потпишаа предлог за поведување постапка за утврдување дали претседателот на Црна Гора го прекршил Уставот и го доставија до Собранието.
Предлогот го потпишаа пратениците на Демократскиот фронт, Демократска Црна Гора, Обединета и Вистинска Црна Гора, Граѓанското движење УРА, Социјалистичката народна партија (СНП), Движењето за промени (ПзП) и ЦИВИС.
Тие имаат 41 од вкупно 81 пратеник во црногорскиот парламент.
Иницијативата за разрешување на претседателот дојде откако Ѓукановиќ одби да го прифати предлогот Миодраг Лекиќ да биде мандатар за состав на новата влада и кога поднесе предлог за скратување на мандатот на Собранието. Во своето образложение, Ѓукановиќ претходно изјави дека не ги добил сите потписи од пратениците, оти не дошле кај него на консултации и дека „не добил впечаток дека има јасно мнозинство кое ќе може да формира Влада која би понудила решенија за многу тешките проблеми на финансиски, економски, правен, институционален и политички план“.
Во предлогот за разрешување тие наведуваат дека Ѓукановиќ го прекршил Уставот бидејќи, како што тврдат, на дискусиите за мандатарот за состав на влада не ги повикал сите претставници на политичките партии, ниту Миодраг Лекиќ, кој по договор на парламентарното мнозинство доби поддршка од 41 пратеник за да биде мандатар за состав на новата влада.
Според член 98 од Уставот на Црна Гора, постапка за утврдување дали претседателот на Црна Гора го прекршил Уставот може да поведе Собранието, на предлог на најмалку 25 пратеници.
Предлогот за поведување на постапката Собранието му го доставува на претседателот на Црна Гора за да се изјасни. Одлуката за постоење или непостоење на повреда на Уставот ја донесува Уставниот суд и без одлагање ја објавува и доставува до Собранието и до претседателот на Црна Гора.
Уставниот суд во Црна Гора нема кворум, а со месеци не успева да се комплетира бидејќи кандидатите не го добиваат потребниот број гласови од пратениците.