За меѓународните и регионалните прашања, особено за оние од грчки интерес, разговарале премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш на нивната средба на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што информираа од кабинетот на Мицотакис, грчкиот премиер го информирал Гутереш „за турската провокација, која се манифестира и во зголемувањето на нелегалните барања и во реториката“.

Повторил дека Атина секогаш постапува врз основа на меѓународното право, одредбите од Конвенцијата на ОН за морското право и принципите на добрососедство.

Дополнително, станало збор и за кипарското прашање, за кое Мицотакис истакнал дека „позицијата на Турција и на турско- кипарската страна е еднаква на целосно отфрлање на обврзувачките резолуции на Советот за безбедност за мирно и правично решавање на кипарското прашање во рамките на бизонална , би-комунална федерација“.