Телото на исчезнатиот новинар, Џамал Кашоги, е исечено на парчиња откако е убиен, јави Си-ен-ен, повикувајќи се на неименуван турски функционер. Новинарот исчезна пред две недели, а Турција тврди дека тој е убиен во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Си-ен-ен вчера објави дека новинарот е убиен, повикувајќи се на информации од турската полиција која девет часа вршеше претрес во конзулатот на Саудиска Арабија. За тоа дека неговото тело е искасапено прв објави весникот „Њујорк тајмс“.
Агенцијата „Асошиејтед прес“, повикувајќи се на високи функционери од Турција, објави дека властите имаат доказ дека новинарот, кој меѓу другото пишувал и за „Вашингтон пост“ е убиен во конзулатот.
Турските неименувани извори тврдат дека Кашоги е убиен на 2 октомври откако бил во конзулатот по документи за склучување брак со неговата свршеница од Турција.
Претходно, новинската агенција „Анадолија“ објави дека конзулот на Саудиска Арабија, попладнево ја напуштил Турција откако било најавено дека полицијата ќе изврши претрес во неговата резиденција.