Што и да е Косово и неговата влада за САД и за амбасадорот Скот, за нас тоа е таканаречена влада и таканаречена држава, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, коментирајќи ја изјавата на американскиот амбасадор во Белград, Кајл Скот.

Амбасадоро Скот, вчера, во Владата на Србија изјави: „Косовската влада не е таканаречена, туку е влада на Косово, која е независна и суверена земја, со свои избрани претставници“.

– За жал не бев присутен, но претставникот на Владата на Србија требало да реагира. Амбасадорот не е тука да ги поправа новинарите туку да одговара на нивните прашања. Но, тоа не е нов став на американските претставници и затоа сум поскептичен од Дачиќ, во врска со прашањето за ставот на Вашингтон спрема Косово, изјави Вучиќ.

Тој додава дека „би било добро амбасадорот да покажел малку повеќе почит спрема земјата која му е домаќин“.

Српската премиерка Ана Брнабиќ за изјавата на амбасадорот Скот рече дека е скандалозна и непримерна.

– Мислам дека изјавата е непримерна не само на дипломатијата, туку е непримерна и во почитувањето на домаќинот, посебно што е кажана во зградата на Владата на Србија, рече Брнабиќ.

Таа додава дека „таква изјава не треба да се дава и поради елементарно семејно воспитување и почит кон домаќинот“.

И шефот на српската дипломатија и вицепремиер Ивица Дачиќ реагираше на изјавата на американскиот амбасадор:

– Скот сигурно ги премина границите на дипломатскиот кодекс и тоа го стори во зградата на Владата, што е преседан. Ставот на САД одмна ни е добро познат, но господинот Скот би требало да знае како се однесува дипломат. Сепак, сакам да нагласам дека тоа е изјава само на амбасадор, а очигледно е дека од Вашингтон, во последно време, дуваат поповолни ветришта за Србите околу прашањето за КиМ. Само можеби тие ветрови се уште не стигнале до господинот Скот, вели Дачиќ.

Идентични реакции дека изјавата на амбасадорот Скот е политички некоректна има и од други српски финкционери.

– Фокусот треба да остане на барањето сеопфатно решение и двете страни ја имаат нашата целосна поддршка за тоа. Свесен сум дека оваа е осетлива тема, но политиката на САД во врска со Косово не е новост, порача Скот преку Твитер, по повод реакциите на неговата изјава на официјалните лица на Србија.