Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска соопшти дека не гледа потреба да се состане со Економскиот совет во Владата затоа што, како што рече, тој совет е составен од истите луѓе кои ги решаваа проблемите со Ковид-19 и ништо не решија.
Мицкоски во „Студио 10“ на ТВ 24 нагласи дека е подготвен да им помогне на граѓаните и на државата во справувањето со енергетската криза.
-Не гледам причина зошто би влегол јас во ова сценарио на претворање на целата оваа работа на пазар која што е многу сериозна, бидејќи се работи за иднината на државата и за иднината на граѓаните. Тогаш подобро и ќе беше да излеземе на тв дебата, зошто таму ние да седиме педесетина луѓе или триесетина којшто и досега и онака ништо не решиле, тие луѓе којшто беа за ковидот, се дел од тој Економски совет и ако така ги решаваше работите, како што ги решававме за ковидот, јас навистина не сакам ниту нивното, ниту своето време да го губам и затоа им реков одберете тим, подготвен сум да ви помогнам, рече Мицкоски.
Не сакам, како што рече, ова да се претвори во политиканство и во пазар.
-Затоа и реков оваа работа треба да се реши, ова не е натпревар на пи-ар стратегија, ова не е натпревар чија суета е поголема. Јас уште на 29 септември побарав прием кај премиерот Димитар Ковачевски, денеска сме 3 октомври, 5 дена потоа, од Димитар Ковачевски се уште не добив одговор, ме кани Битиќи на тело коешто досега ништо успешно не решило, зошто ова би го решило тоа успешно, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ укажа дека е подготвен да го презентира концептот кој, како што рече, нуди помош за излез од оваа кризна ситуација со која се соочува државата.
-Јас сум подготвен да им го презентирам концептот којшто ќе значи сето она кое што го зборувам изминатиов период. Ако се спореди со цените на берзата тоа што го нудам е под 200 евра за мегават часови концептот за компаниите, да нема зголемување на цената за затоплување на граѓаните којшто го користат и институциите централното затоплување, истовремено да има 100 милиони заштита споредбено со тоа што тие се подготвени да го потрошат за да обезбедат електирична енергија и затоплување, исто така нудам измени во Законот за енергетика, додаде Мицкоски.