Европската комисија предложи нови правила кои се однесуваат на производството и продажбата на 10 пластични производи за еднократка употреба, како и опрема за риболов, кои се означени како најчеста причина за загадување на европските плажи и морињата.
Пластиката во ЕУ, како што пишува „Мондо“, ќе биде забранета и заменета со алтернативни материјали во производството на стапчиња за чистење уши, пластични чинии и друг прибор за јадење, сламки за пиење и држачи за балони. Продажбата на амбалажа за пијалаци изработена од пластика ќе биде дозволена само ако затворачите се прицврстени за пакувањето.
– Пластичниот отпад е несомнено важно прашање и Европјаните мора заеднички да дејствуваат во решавањето на овој проблем, бидејќи пластичниот отпад завршува во нашиот воздух, нашата земја, нашите океани и во нашата храна. Денешните предлози ќе ја намалат пластиката за еднократна употреба на рафтовите во нашите супермаркети со низа мерки. Ќе забраниме некои од овие предмети и ќе ги замениме со „чисти“, така што луѓето и натаму ќе може да ги користат своите омилени производи, изјави првиот потпретседател на Европската комисија, Франс Тимерманс.
Европската комисија наведува дека пластични производи кои се цел на овие мерки, се „заслужни“ за дури 70 проценти од вкупниот отпад во морињата.
Новите правила на различни начини ќе се применуваат за различни производи од пластика. Кога алтернативните се достапни и пристапни, пластичните производи за еднократна употреба ќе бидат забранети на пазарот.
За производите без директна алтернативна замена фокусот е на ограничување на нивната употреба со национално намалување на потрошувачката, барања за одреден дизајн и етикетирање како и на обврските на производителите, кога се во прашање управувањето со отпад и пречистување.
Во Европската комисија велат дека по донесените мерки за продажба на пластични кеси, дури 72 проценти од Европејците изјавиле дека ја намалиле употребата на кесите.
Покрај замената на пластиката во одредени производи, членките на ЕУ ќе мораат да ја намалат употребата на пластични пакувања за храна и пластични чаши, со производство на алтернативни производи или дополнително наплатување за пакувањата изработени од пластика за еднократна употреба.
Истовремено, земјите членки на ЕУ ќе бидат задолжени до 2025 година да соберат 90 проценти од искористените пластични шишиња за еднократна употреба.
Некои производи, како што се влажните марамчиња и балони, ќе мора да носат јасни и стандардизирани ознаки за тоа како се фрлаат по употребата, колкав е процентот на пластика во нив и колку се штетни за околината.
Земјите членки на Унијата ќе мораат да работат на „подигање на свеста на потрошувачите“ за негативното влијание на отпадот од пластиката за еднократна употреба и опремата за риболов.
На плажите 27 проценти од отпадот е опрема за риболов
Опремата за риболов чини 27 проценти од отпадот на плажите, а Европската комисија има намера да ги обврзе производителите на опрема за риболов, која содржи пластика, да ги покријат трошоците за собирање, транспорт и обработка на отпадот.
Исто така, да ги надоместат трошоците за мерките за подигање на свеста во јавноста за штетноста на пластиката за животната околина и луѓето.