Рускиот претседател Владимир Путин денеска полни 70 години, по тој повод роденден му честитаа севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, чеченскиот претседател Рамзан Кадиров и белорускиот претседател Александар Лукашенко.
– Ве молиме прифатете ги моите најискрени честитки за вашата годишнина. Како вистински водач на голема сила, вие донесувате добро обмислени и тешки одлуки со цел да се обезбеди независен развој на Руската Федерација и да се заштитат традициите и вредностите на рускиот народ, вели во честитката Лукашенко.
Тој му посака на Путин „одлично здравје, креативни достигнувања во корист на руската држава и долг живот опкружен со љубезно семејство и сигурни пријатели“.
Му честиташе и лидерот на Чеченија, Кадиров:
– Во судбината на чеченскиот народ, рускиот претседател Владимир Путин одигра клучна улога. Во најтешките времиња за регионот, тој силно го поддржа курсот на нашиот прв претседател, херојот на Русија, Ахмат-Каџи Кадиров, ја спаси републиката, подигна од урнатините, а во исто време и цела Русија од тоталното насилство од меѓународниот тероризам и бандитизам, напиша Кадиров на својот канал на Телеграм.
И севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун му го честиташе 70-тиот роденден, јавува Корејската централна новинска агенција.
– Задоволен сум што гледам невиден раст на взаемната поддршка и соработка меѓу двете земји во борбата за понатамошен развој на традиционалните корејско-руски односи, во духот на договорите постигнати на нашата прва средба во Владивосток во 2019 година, напиша Ким.
Тој изрази надеж дека неговите лични пријателски односи со претседателот на Русија ќе одиграат голема улога во континуираното зајакнување и развој на пријателството меѓу двете земји. Ким на рускиот претседател му посака добро здравје, среќа и голем успех во работата.