Стапката на усогласеност на Србија со европската заедничка надворешна политика „значително е намалена“ од 64 отсто во 2020 година на 45 отсто гпдинава, се наведува во годишниот извештај на Европската комисија (ЕК) за Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Во нацрт-извештајот што ќе биде објавен утре, а до кој Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше пристап, се нагласува дека Србија не се усогласила со санкциите против Русија, кои ЕУ и ги воведе на Москва како одговор на агресија во Украина.

„Низа акции и изјави на Србија беа во спротивност со надворешно-политичката позиција на ЕУ. Од Србија како приоритет се очекува да ги исполни своите обврски и постепено да се усогласува со рестриктивните мерки на ЕУ во согласност со преговарачката рамка на Србија“, се нагласува во документот.

Што се однесува до регионалната соработка, во извештајот за Србија се оценува дека земјата останува посветена на подобрување на билатералните односи.

Сепак, се споменува дека односите со Хрватска се „сè повеќе затегнати со повремени политички конфликти“.

Односите на Србија со Црна Гора во документот се оценети како „предизвикувачки“, но се нагласува дека двете страни наговестиле поголема подготвеност за ресетирање на односите и напори за решавање на отворените прашања.

Посебен дел се однесува на процесот на нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, каде се оценува дека нема конкретен напредок во преговорите за сеопфатен и правно обврзувачки договор. Во документот, Белград и Приштина се поканети „без натамошно одлагање“ конструктивно да се ангажираат и да ги унапредат преговорите за сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализација.

-Постигнувањето на таков договор е „итно и клучно“, се вели во извештајот, за да можат Косово и Србија да напредуваат на својот европски пат.

Во однос на борбата против корупцијата, според наодите на ЕК, се нагласува дека Србија постигнала само „ограничен напредок“ исто како и за борбата против организираниот криминал, додека во слободата на изразување, не е направен никаков напредок.

Во поглавјето поврзано со основните права, голем дел е посветен на организацијата на „Европрајд“ во Србија, на 17 септември, каде се потсетува дека одржувањето на настанот бил неизвесен до последен момент.

Колегиумот на Европската комисија треба да го усвои пакетот за проширување заедно со посебните извештаи за секоја земја, соопштија од РСЕ.