Но, имаше и потрагични случаи – наши војници се вратиле од Македонија истата есен (1944-та), боси и „по бели гаќи“, пишува во своите Спомени бугарскиот војник Борис Рајнов, за настаните во Македонија по капитулацијата на фашистичка Бугарија.

Во продолжение извадоци од книгата Спомени на Рајнов, објавени на Фејсбук страницата Macedonia: a True Endless Story која објавува теми од историјата на Македонија:

БУГАРСКИ ВОЈНИК: БУГАРИТЕ СЕ ВРАЌАА „ПО ГАЌИ“ ОД МАКЕДОНИЈА

Фелдфебел Борис Рајнов, бугарски наци-фашистички војник што се борел и на двете страни, оставил пишани „Спомени“ за германско-албанско-бугарската окупација на Македонија, 1941 – 44 г. Секако, тука тој по малку „ја шминка“ улогата на Бугарија во наци-фашистичкиот пакт и го нагласува периодот кога Бугарите на крајот ја смениле страната, па бугарските војници се бореле против Германците. Престојувал во Македонија со жена сѝ и своите 2 мали ќерки.

Но, Рајнов говори и за неколку необични, непријатни и опасни случки со македонските партизани кон крајот на 1944., пред да го испратат дома. Следи целосниот текст од тоа поглавје:
НЕОЧЕКУВАНИ СРЕДБИ

… „Ние петмина одевме полека по тесен селски пат. Минавме преку некаква плитка река. Ги носев децата во раце едно по едно. Штракна пушката. Се слушна крик: ’Вратете се назад! Ќе пукаме!‘ – Партизанска патрола. Нѐ демнеа по сите патишта, мали патеки, сртови и клисури на Македонија. Се вративме. Нѐ поведоа по друг, спореден пат што ние не го бевме забележале во темнината.

Нѐ однесоа на сретсело. Нѐ наредија до жива ограда со наредба да не се мрдаме оттука под закана дека ќе бидеме застрелани. Во огромниот селски двор се гледаа огромни купчиња ’камења‘. Убиени од замор и возбуда, заспавме крај живата ограда. Малку пред зори ги разбудив сите за да се подготвиме за новата средба.

Сонцето изгреа. Во селото царуваше мртвило, но во дворот се појавија мажи. Купчињата ’камења‘, се покажа, биле натрупани бугарски воени предмети – капути, ќебиња, ранци, јакни, панталони, шлемови, палки, мањерки, ткаенини… И, сѐ ова (Македонците, з.п.) го заплениле од бугарските војници на Петтата армија, можеби за само еден ден. А, колку ли беше тоа за цел септември 1944 година?! …Нѐ повикаа внатре.
(Македонците, з.п.) ми ги земаа ранците, и мантили, ќебиња, белезници, платна, па дури и мојата футрола со два грста шеќер. Не можев да издржам. Побарав средба со нивниот командант – политичкиот комесар. Како борци против фашизмот, заслуживме поголема почит. Едвај го задржав платното од постелнината и јорганот на децата.

Но имаше и потрагични случаи – наши војници се вратиле од Македонија истата есен, боси и ’по бели гаќи‘! После долг, непријатен, па дури и опасен за нас спор, конечно нѐ пуштија да си одиме во Бугарија“..

(Подготви: Д.Г.)