Кремљ знае дека употребата на нуклеарно оружје во Украина суштински ќе ја промени природата на конфликтот, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Како што додаде, Путин утре може да обезбеди мир, ако ја повлече армијата.
– Русија знае дека нуклеарна војна не може да се добие и никогаш не смее да се води, изјави Столтенберг.
Тој ова го кажа во интервју за германскиот јавен сервис АРД, коментирајќи ги навестувањата на рускиот претседател Владимир Путин за можна употреба на нуклеарен арсенал.
– Русија исто така знае, НАТО и нејзините партнери јасно ставија до знаење, дека употребата на нуклеарно оружје во Украина суштински ќе ја промени природата на конфликтот, додаде Столтенберг.
На прашањето за каква промена би била тоа, првиот човек на НАТО не сакаше да навлегува во детали.
– Јасно е дека тоа би имало сериозни последици за Русија, а нашите партнери тоа и го пренеле на Русија на различни начини. Затоа што секоја употреба на атомско оружје, дури и помала, би значело преминување на клучната црвена линија, вели генсекот на НАТО.
Според Столтенберг, НАТО сака војната да заврши што е можно поскоро, а Путин тоа може да го направи „утре, со повлекување на руските сили“.
– Мораме да разбереме дека Украина престанува да постои како независна суверена нација ако престане да се бори. Ако Путиновата Русија престане да се бори, тогаш ќе имаме мир, додаде Столтенберг.
Според неговата проценка, „храброста и одлучноста“ на Украинците е на многу повисоко ниво од онаа на Русите, што се гледа на фронтот. Покрај тоа, Украинците се „поискусни“ бидејќи се обучени и опремени од НАТО од 2014 година, рече Столтенберг.
– Значи, украинската армија е далеку подобро обучена, далеку подобро водена, многу подобро опремена и многу поголема отколку во 2014 година. Ова е причината што Украина сега е во состојба да се брани на сосема поинаков начин отколку во 2014 година, кога Русите првпат маршираа и го анектираа Крим, тврди генералниот секретар на НАТО.