Постојаните руски напади со дронови во Украина претставуваат знак на очај на Москва, смета германскиот канцелар Олаф Шолц, истакнувајќи колку е важно планирањето за обнова на земјата.

Во обраќањето на конференцијата во Берлин за обнова на Украина, Шолц посочи дека историјата на Германија покажува оти можно е да се обнови земја и после разорна војна.

Поради тоа, како што додаде тој, важно е да се планира иднината на Украина како просперитетна и демократска членка на Европската Унија и извозник на зелена енергија и високотехнолошки добра.

– Оваа конференција зборува за создавање на Маршаловиот план за 21 век, подвлече германскиот канцелар.

Според него, украинската посветеност на ЕУ е една од најзначајните геополитички одлуки на оваа ера.