Полскиот генерал Пјотр Тритек е именуван за шеф на мисијата на Европската унија за обука на украинските војници, изјави доцна синоќа полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак, додека западните земји се обидуваат да ја засилат поддршката за Киев по руската инвазија.
На почетокот на овој месец, Европската унија одлучи да формира мисија за воена помош за поддршка на Украина (ЕУМАМ Украина), чија цел е зајакнување на воените капацитети на земјата.
– Полскиот генерал Пјотр Тритек ќе ја предводи меѓународната мисија за воена обука на украинската армија, напиша министерот Блашчак на Твитер, додавајќи дека „тоа е огромна одговорност, но и признание за позицијата на Полска на меѓународната сцена“.
Командантот на 11-та полска оклопна дивизија, Тритек (51), служел во Ирак и Авганистан.
Седиштето на ЕУМАМ Украина ќе биде во Брисел со оперативни командни центри во Полска и Германија. Поголемиот дел од обуката ќе се одржи во Полска.