Министерот Бујар Османи денеска ги повика политичките партии кои во неделата присуствуваа на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград сега да им објаснат на Македонците во Бугарија зошто е укинато здружението што го отвори клубот.

Османи истакна дека како Министерство за надворешни работи претпоставувале дека целиот настан ќе предизвика верижна реакција од која на крај најоштетени ќе излезат граѓаните, односно Македонците во Бугарија.

– Ние воопшто не знаевме што ќе биде, но претпоставуваме дека тоа ќе предизвика верижна реакција на еден негативен фидбек, еден негативен натпревар од кој на крај најоштетени ќе излезат токму граѓаните, Македонците во Бугарија. И сега нека излезат тие што отидоа таму да ги охрабрат, тие политичари што отидоа да ловат политички поени нека им објаснат на луѓето зошто им е укинато здружението, рече Османи одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со потпретседателот на влада и министер за надворешни работи на Казахстан, Мукхтар Тилеуберди, кој е во посета на земјава.

Османи повторно ги посочи неговите пораки дека станува збор за „погрешен пат и дека треба поинаку да се прави“, притоа нагласувајќи ги финансиерите на клубот, односно сомнителното здружение од Канада со, како што рече шефот на дипломатијата, антидржавни ставови.

– Не може здружение на двајца од Канада, пет илјади километри одовде, да ја знаат нашата ситуација подобро. Ако има некој да помогне, да финансира, да охрабрува има луѓе кои подобро ја разбираат проблематиката. Меѓутоа едно сомнително здружение од Канада кое што има антидржавни ставови да финансира токму во ова време отворање на клуб на Македонците како одговор на отворањето на клубот во Охрид тоа не е наша политика, тоа не е начин на кој ние би ги промовирале интересите на граѓаните. Ние знаевме дека тоа е само саботирање на интересите на заедницата и рековме дека на крај тоа ќе заврши на штета на тие граѓани. Мислам дека е време да се прашаат тие политичари што отидоа да ловат одредени политички поени, како сега ќе се оправдаат, како ќе им објаснат на Македонците таму зошто им е укинато здружението, рече Османи.