Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден приватно ги охрабрува украинските лидери да покажат отвореност за преговори со Русија, објави Вашингтон пост.

Според весникот, Киев треба да се откаже од јавното одбивање да се вклучи во мировни преговори доколку претседателот Владимир Путин не биде отстранет од власт.

Како што изјавија за Вашингтон пост анонимни извори запознаени со преговорите, целта на САД не е да ја принудат Украина да преговара, туку Киев да ја задржи поддршката од други земји.

Иако американските власти веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин засега не е сериозен во преговорите, тие признаваат дека забраната на претседателот Володимир Зеленски за преговори со Путин предизвикува загриженост во делови од Европа, Африка и Латинска Америка, каде што последиците од војната најмногу се чувствуваат во форма на достапност и пораст на цените на храната и горивото.

Како што изјавија неименувани соговорници за Вашингтон пост, некои земји чувствуваат сериозен „замор од Украина“.

Разговорите илустрираат колку сложена станала позицијата на администрацијата на Бајден, бидејќи американските власти јавно ветуваат дека ќе го поддржат Киев со огромни суми „колку што е потребно“, додека се надеваат на решение на конфликтот што ја наруши светската економија во последните осум месеци и ги зголеми стравувањата од нуклеарна војна, пишува Вашингтон пост.