Поради постојаното зголемување на цените на намирниците, струјата и греењето, сè повеќе вработени лица во Австрија велат дека едвај врзуваат крај со крај.
Педесет и четири отсто од вработените тврдат дека платата едвај или повеќе не ги покрива животните трошоци, а најтешка е состојбата кај жените и странските државјани, покажа истражувањето на Работничката комора. Во некои економски гранки особено им е тешко на вработените да ги покријат сите трошоци.
Така, во трговијата повеќе од две третини од вработените речиси и да не можат да ги покријат сите финансиски обврски и животни трошоци. Слично е и со тие кои работат во угостителство и туризам, затоа што две третини од испитаниците изјавија дека платата едвај ги покрива сите потреби.
Истражувањето, што се спроведува квартално, покажа дека бројот на вработени чија плата не е доволна за живот расте секој квартал за еден до два отсто.
– Тоа не звучи многу, но, станува збор за околу 60.000 лица, појасни авторот на студијата Данијел Шенхер.
Според Работничката комора, во Австрија моментално 300.000 луѓе се во ризик од сиромаштија и покрај тоа што се вработени, а меѓу нив не се само оние кои се вработени на половина работно време.