Инвестиција вредна 20 милиони евра која треба да отвори 120 работни места, вака денеска е најавен новиот производствен капацитет на турската високотехнолошка компанија „Текнопанел“ што ќе се гради во ТИРЗ Скопје 1.

Договорот за инвестицијата го потпишаа премиерот Димитар Ковачевски, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски и Орхан Кахвеџи, сопственик и член на Управниот одбор на „Текнопанел“.

Како што беше речено, во новиот капацитет со површина од 54 000 метри квадратни, ќе се произведуваат најсовремени сендвич панели.

Ова е прв капацитет на компанијата надвор од Турција и според инвестицискиот план, се очекува вкупниот извоз за десет години да надмине 170 милиони евра.

-Денес е важен ден зашто влегува нова инвестиција и ова не е случајно. Како Влада овозможивме предности за инвестирање. Членка сме на НАТО, со почнати преговори за членство во ЕУ и затоа сме стабилен партнер за странските инвеститори, истакна Ковачевски пред потпишувањето на Договорот.

Според него, производството во новиот капацитет на „Текнопанел“ ќе почне идната година, а просечната нето плата ќе биде 600 евра.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски оцени дека „Текнопанел“ нема да застане на овие 20 милиони евра и дека во наредните месеци ќе почнат разговори за проширување на инвестицијата.

Компанијата е еден од најголемите извозници во Турција и на листата од 500 водечки индустриски компании во земјата. Има четири фабрики во Турција во Мерсин, Измир, Сакарија и Истанбул.

Одлуката за инвестиција е донесена во јули минатата година, на средба во Истанбул меѓу директорот на ТИРЗ Деспотовски и менаџментот на компанијата.