Пратеникот Драган Ковачки денеска презентираше фотографии и сателитски снимки од имот за кој тврди дека е скриен имот на министерката за одбрана Славјанка Петровска. Со вакви обвинувања Ковачки излезе пред два дена во директното соочување со Петровска во ТВ емисијата „Само вистина“ кога тврдеше дека министерката во анкетниот лист испратен до Државната комисија за спречување корупција не пријавила имот во скопско. Петровска му одговори дека нема непријавен ниту недвижен ниту движен имот.
-Ако постои таков имот уште утре ќе го донирам на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи и онака со судска наредба на вашата партија и се одзема имотот, рече Петровска во дебатата со Ковачки.
Ковачки на денешната прес конференција, своето тврдење за непријавениот луксузен имот на Петровска, односно „огромна хациенда со базен во Радишани“ го поткрепува со евиденцијата на министерката во единсвениот избирачки список.
-Жителите од тој дел на улица Радишанска според избирачкиот список гласаат во избирачкото место 2948/1 кое се наоѓа во ОУ Ацо Шопов. Тоа е истото избирачко место каде гласа и Славјанка Петровска. По што може да се заклучи дека адресата на луксузната хациенда на Славјанка Петровска е и адреса на живеење која истата ја има во личната карта. Дополнително според нашите информации хациендата на Петровска, покрај тоа што не е пријавен како нејзин имот во ДКСК, таа е и дивоградба, односно истата не е легализирана, тврди Ковачки, па додава дека во духот на одговорот на министерката во емисијата, наместо на ВМРО-ДПМНЕ, овој имот да им го подари на здруженијата на бранители и побара оставка од неа.
Министерката Славјанка Петровска попладнево на прес конференција ги демантираше наводите на Ковачки и побара извинување, а ако не го добие и тужба за клевета.
-Имотот кој бегалецот Ковачки го посочи никогаш не сум го поседувала. Единствено што поседував е плац кој со уредно склучени договори за купопродажба е оттуѓен односно продаден пред повеќе од десетина години. Безбедњакот, поранешниот воен разузнавач, кој беше дел од сценариото за 27 април и кој ги извиси и се огради од оние што ги поттикна на насилство има рок од 24 часа да се извини за овие невистини. Во спротивно ќе му биде поднесена тужба за клевета, а парите ќе ги донирам за жртвите од владеењето на неговиот Никола Груевски. Го повикувам да се извини на семејството кое е легален и чесен сопственик на овој имот и да престане со старите ДПМНЕ-овски навики за незаконско следење и фотографирање, рече министерската Петровска.