Премиерот е огорчен поради пропустот на безбедносните служби кои дадоа зелено светло за македонското државјанство за украинскиот тајкун Олександар Онишченко кој се наоѓа на црната листа на САД, објавува Сител.
Загриженост за пропустот во Агенцијата за безбедност изрази и Претседателот Пендаровски и Минситерот за внатрешни Спасовски.
Вчера пред надлежната собраниска комисија директорот на АНБ сведочеше неколку часа. По завршувањето рече дека одговорноста е лоцирана кај еден од службениците кој не направил проверка во НАТО пред да даде дозвола за државјанството. Најави дека по комплетната истрага ќе следат соодветни постапки.
За опозицијата нема дилема дека одговрноста за овој пропуст е кај директорот на Агенцијата, но и кај целата Влада.
Онишченко добил позитивно мислење од четири македонски институции за да стане македонски државјанин, а пасошот му го доделила Владата.
По ова, ТВ АЛФА го постаува прашањето дали наместо владини функционери, повторно обични службеници ќе бидат криви за големиот скандал со Онишченко? Дали случајот со Украинецот ќе го добие сценариото што го имаше случајот „Двојник“, за патните исправи со туѓ идентитет, кои ги добија светски барани криминалци. На крајот за тој голем скандал осудени беа само обични вработени во пасошкото одделение во МВР.
Директорот на АНБ, Виктор Димовски во изјава пред медиумите, веќе се амнестираше самиот себе. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, повикувајќи се на зборовите на Димовски, вели веќе била лоцирана вината и одговорност ќе мора да има.
-Како што слушнав сега и во изјавата на директорот на Агенцијата за национална безбедност веќе е лоцирано точно што е направено. Третото ниво е меѓународната помош, односно проверки кај стратешките партнери, кај земјите членки на НАТО. И тука веќе може да се дефинира. Од тоа што слушнав дека има пропуст во третиот слој на проверките, изјави Спасовски.
А како што е веќе познато, Димовски, на чии зборови верува Спасовски, кажа дека немало никаква вина кај него, па дури и се пофали дека открил кој е виновен. Станувало збор за вработен во АНБ, за кого наредниот период ќе се бара одговорност.
Останува непознато и каква ќе биде судбината со пасошот на Олександар Онишченко, односно дали ќе му биде одземен или не. Спасовски вели за тоа ќе се разговарале на владина седница, а постоела и постапка која мора да се запази, која не траела еден ден.