Српскиот претседател Александар Вучиќ денес потврди дека на повик на ЕУ утре во 8 часот наутро ќе оди на средба со косовскиот премиер Албин Курти на разговори во Брисел, но дека не е оптимист дека ќе се изнајде некое решение, јави дописникот на МИА од Белград.
-Јас не сум оптимист, ќе заминам не затоа што мислам дека било што можеме да направиме, туку да не им ја дадеме таканаречената Лајбницова „доволна причина“ да ја обвинат Србија дека не сакаме да учествува во нешто, изјави Вучиќ за ТВ Прва, додавајќи дека Белград бара формирање Заедница на српските општини (ЗСО) и укинување на одлуката за регистарски таблички, оценувајќи дека косовските власти „лажеле дека тоа било нешто на што имале право“.
Како што кажа Вучиќ, не станува збор само за регистарските таблички, туку за одлуките кои Курти неделава ги кажа во Берлин според кои од „ЗСО нема да биде ништо“.
Тој оцени дека Србија не треба да се спротивставува на земјите од Квинта, а Кутри ако сакаше досега ќе променеше нешто, напротив „тој по напуштање на легално избраните српски претставници од косовските институции најави распишува нови локални избори за српските општини и бара лојални српски пратеници со цел да ги протера Србите од северно Косово“.
Вучиќ рече дека го прашал пратеникот на ЕУ Мирослав Лајчак зошто воопшто го вика во Брисел, и додаде дека е поканет затоа што Европа нема да признае дека „е виновно само нивното дете, а родители му се Квинта, што го лулаат 14 години, а тоа е неспособно за живеење“.
-Германија е најсилен политички партнер на Косово, но подготвен сум да разговарам за француско-германскиот предлог за решавање на косовското прашање, изјави Вучиќ.
Косовската полиција нема што да бара на северот на Косово, бидејќи тогаш би имале „пекол на земја“, оцени Вучиќ.
-Во тој случај Србија ќе застане покрај својот народ, а Србите ќе ги бранат своите огништа, рече Вучиќ и потсети на фактот дека Србија направила се за да спречи конфликт.
Српскиот претседател во поглед на руската инвазија на Украина го повтори ставот на Белград дека го осудува нарушувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, но поради своите државни интереси нема да воведе санкции кон Русија.