Бугарија и Грција заеднички ќе подигнат споменик на Гоце Делчев во селото Баница каде што е убиен, пишува бугарски Фактор, пренесувајќи го БГНЕС.
Ќе ја поддржам иницијативата за подигање спомен плоча на Гоце Делчев во селото Баница во денешна Грција по повод 120-годишнината од неговото убиство, што ќе се случи во 2023 година-изјави бугарскиот претседател Радев, не прецезирајќи чија е иницијативата.
Бугарија и Грција ги оставија настрана сите противречности во минатото и во моментов се модел и пример за стратешко партнерство и разбирање, додава тој.
Не гледам проблем, Грција, која е суверена држава, и се грижи за спомениците на нејзината територија, треба да даде можност за таков споменик, особено што Гоце Делчев е бранител на слободата на сите луѓе, без разлика во која земја живееле, рече Радев.
Доколку има барање за поставување спомен плоча на Гоце Делчев во сереското село Баница, надлежните органи ќе го разгледаат. Ова го изјави за БГНЕС грчката претседателка Катерина Сакеларопулу. „Мермерна плоча во мојата земја може да се разгледа од надлежните органи“, додаде таа.
Селото Баница, или на грчки Кариес е село во регионот на Серес каде во 1903 година загинал македонскиот револуционер Гоце Делчев. Баница денеска не постои.