Судирот меѓу милениците на власта како Љубомир Јовески и власта преку изјавите на вицепремиерката Славица Грковска, за првпат се открива во јавноста и е резултат на странскиот притисок поради слабите резултати во борбата против корупцијата, вели универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, кој порано беше близок до актуелната власт и активен учесник во тн. шарена револуција.
Откако вицепремиерката Грковска го искритикува државниот обвинител Јовевски за немање резултати, а тој и возврати во иста мера, Калајџиев за ТВ Телма нотира дека владата го предлага и тој има одговорност кон неа.
-На прв поглед се чини дека аргументите на републичкиот јавен обвинител до некаде се издржани кога тоа би се сметало дека е некаков притисок од власта. Меѓутоа тоа е само привидно. Објективно и тој самиот мора да биде самокритичен, вели Калајџиев.
Тој смета дека „не е незадоволна само Грковска“:
– Не само Грковска, никој не е задоволен. Не постои некој којшто е задоволен од неговите резултати како државен обвинител. Ниту пак покажал претходно некакви резултати, ако бидеме искрени и да си признаеме. Ова се некои негови лични амбиции, да продолжи кариера без да се има трошка самокритика. Дека обвинителството има сериозни проблеми и дека самиот обвинител во голема мера е виновен за тоа- нема никакви дилеми, изјави Калајџиев професор по кривично право на Правен факултет Јустинијан Први во Скопје.
Доаѓањето на странските експерти пак е уште полошо, докажува дека се лоши резултатите на институциите за борба против криминалот, а понижувачки е за државата и за владеачката гарнитура.
Целиот прилог на ТВ Телма може да го погледнете ТУКА.