16 отсто повисока цена бараат државните електрани од универзалниот снабдувач ЕВН за да им ја продадат струјата која ја произведуваат во следните шест месеци, а која ќе ја користат домаќинствата и малите фирми. Во истовреме, ЕСМ и понуди на Електродистрибуција 23 отсто пониска цена од досегашната, односно од 143 на 110 евра за мегават час, за покривање на техничките загуби во системот. Ова е епилогот од денешните тендери на ЕВН и Електродистрибуција, на кои како понудувач се јави ЕСМ. Сепак, конечната цена на струјата која ќе ја плаќаат граѓаните, ќе ја утврди Регулаторна, во последните денови од годинава, а ќе важи за наредните шест месеци.
„АД ЕСМ и понуди на ЕВН Хоме купопродажна цена на електрична енергија од 56 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини. Оваа цена е за околу 16% повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јули-декември 2022), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 48 евра за мегаватчас.“
Сега се чека цената на МЕПСО за преносот на струја и на операторот на пазар на електрична енергија МЕМО. Важен елемент е по која цена ЕСМ ќе му понуди струја на МЕПСО за покривање на загубите на пренос. Она што со сигурност се знае, е дека од 1 јануари на сметките за граѓаните ставката за ДДВ насместо 5 ќе се пресметува на 10 отсто. Сепак, и покрај зголемената цена на струјата на ЕСМ, но и зголеменото ДДВ, и министерот за економија Бектеши и првиот човек на ЕСМ Ковачевски деновиве тврдеа дека струјата нема да поскапи. Тие најавија дека услугата за пренос и дистрибуција, за која граѓаните се жалеа дека често е повисока од цената на потрошената струја, ќе се намали и тоа ќе ги амортизира претходните зголемувања, а потврда за таквите најави е намалената цена кон Електродистрибуција.
Во последните 12 месеци струјата два пати скокна, кога прво на 1 јануари годинава таа поскапе за 9,5 отсто, а на средината на годинава за дополнителни 7,4 отсто, кога се воведоа и блок тарифите. Надлежните уверуваат дека со овие тарифи, од Нова година за оние кои штедат, струјата ќе поевтини, а за оние кои се луксузираат – таа ќе биде многу поскапа.