Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска на својот фејсбук профил изрази загриженост за информацијата дека Апелациониот суд ја укинал првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“. Го повика Апелациониот суд да ги соопшти причините за оваа одлука.

Со голема доза на загриженост ја примив информацијата дека Апелациониот суд ја укинал првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“, во кој, преку злоупотреба на службена положба, масовно беа прислушувани илјадници наши граѓани. Уште позагрижувачки се информациите дека поради неажурното одлучување на судиите, можно е застарување на делото кое значи повреда на основните уставно загарантирани човекови права, напиша Грковска.

Според вицепремиерката Грковска, Апелациониот суд има обврска пред граѓаните, транспарентно и детално да ја образложи оваа одлука за која, како што се наведува, има сомнеж дека не оди во правец на владеење на правото и еднаквост пред законот.

Во повеќе наврати кажав и сакам да повторам дека независноста на правосудниот систем не значи немање никаква одговорност. Го повикувам Апелациониот суд во името на правдата и во името на одговорноста пред граѓаните да ги соопштат причините за оваа одлука, напиша Грковска на Фејсбук.

Реагираше и Пендаровски:

-Шокиран сум од одлуката на Апелацискиот суд за случајот „Таргет-Тврдина”. Одлуката е пораз за правната држава и доказ за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи. Ваквите одлуки само ја поткопуваат вербата на граѓаните дека се можни вистински реформи во владеењето на правото и борбата против корупцијата”, е ставот на претседателот Пендаровски по повод одлуката на апелацискиот суд за предметот „Таргет-Тврдина”, вели во реакцијата за МКД.мк, претседателот Пендаровски.

На сличен начин реагираа и Зоран Заев, Оливер Спасовски, Бујар Османи, па дури и избрканиот Никола димитров, а Левица реагираше со соопштение дека ова е награда за Мијалков за осумте пратеници при смена на Уставот.