Најголем број на претставки до Народниот правобранител и оваа година се однесуваат на судството, правосудството, со подобласти како што се основните судови, извршителите, нотарите и адвокатите.
„Таа бројка со денешниот пресек не ја знам, но сигурно се над 400 претставки од кои речиси половината се однесуваат на работата на извршителите. Значи судовите и извршителите доминираат по бројот на претставки на граѓаните“ – тврди народниот правобранител, Насер Зибери.
Според проценките бидејќи сме при крајот на годината, вели Зибери Предвидувањата се дека вкупниот број на претставки годинава ќе биде над 3000, што значи зголемување во однос на минатата и предминатата година за околу 10 %. Најбројни се во делот на правосудството, па следуваат претставките во однос на работните односи, детските права и социјалната заштита.
Дојавите за бомби во училиштата директно влијаат врз квалитетот на образованието на децата .
„Тоа директно значи повреда на детските права во областа на образованието. Секако сметам дека тоа е слабост на надлежните институции за преземање мерки за обезбедување на соодветен простор за изведување на образовен процес. За мене е неразбирливо како од првата појава на вакви случувања се уште немаме видливи резултати“ – смета Зибери.
Според Посебниот извештај за 2021 година застапеноста на Македонците во јавниот сектор од 2007 наваму е намелен за 10, 92 проценти, додека застапеноста на Албанците во јавниот сектор , сега е 20, 6 проценти, што претставува зголемување за 9,8%.