Сопственикот на „Пелистерка“ Цветан Панделески, сопственик на компанија Зоранчо Митревски и берзанскиот брокер Јованче Тасковски, се тројцата против кои Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за „Империја“. Од 19 лица кои биле во предистражната постапка само овие тројца осомничени ќе ја докажуваат невиноста пред суд. Панделески се гони за злоупотреба на службена положба, перење пари и измама. Митревски се гони за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари. Брокерот Митревски се гони за овие две дела, како и за измама.

Според опишаните дејствија во Обвинителниот акт прво и второобвинетиот и веќе едно осудено лице, во периодот од месец мај до месец август 2013 година како соизвршители ги искористиле своите овластувања како одговорни лица – членови на Одбор на директори на правно лице и претставници на акционерскиот капитал. Тие заедно по претходен договор, со умисла помогнати од сведок – соработник на правдата и веќе осудено лице во предметот, прибавиле значителна имотна корист во износ од 4.000.000 евра за три правни лица, а на штета на оштетеното правно лице и 150 малцински акционери. Со намера да го прикријат изворот од казненото дело, прво и второобвинетиот паричните средства ги пренесувале на жиро сметки на други правни лица. Во периодот од месец октомври 2013 година до месец јануари 2014 година двајца сведоци – соработници на правдата, заедно, како соизвршители со прво и третообвинетиот, со намера за себе и за друг да прибават значителна противправна имотна корист, довеле во заблуда едно физичко и едно правно лице. Со цел по пониска цена да ги земат акциите што во друго правно лице ги поседувале оштетената и оштетеното правно лице, лажно прикажувајќи факти ја довеле во заблуда оштетената да преземе дејствија со кои нанела значителна имотна штета од 283.591.535,00 денари на себе си и правното лице за сметка на акциите што ги поседувале и што биле продадени на физички и правни лица за износ од 433.592.465,00 денари, велат од ОЈО-ГОКК.

Обвинителката Лиле Стефанова, која го водеше предметот, посочува и како парите се префрлувале во Белизе.

Откако со извршување на кривичното дело измама била прибавена корист за правно лице во кое еден од сведоците на правдата бил сопственик и управител, за да ги прикрие парите дека потекнуваат од кривично дело, по основ на позајмици ги пренел на три правни и едно физичко лице, а потоа уделот од правното лице што го поседувал го пренел на трите правни лица на кои им биле дадени позајмици, па откако имотната корист прибавена со кривичното дело им била исплатена како дивиденда од по 107.833.000,00 денари, правното лице било пренесено на оф шор компанија од Белизе и ликвидирано. Паричните средства прибавени од кривично дело и исплатени по основ на дивидендата на правното лице каде членовите на семсјтвото на првообвинетиот биле сопственици,за да се прикрие дека потекнуваат од кривично дело по насоки на првообвинетиот 62.000.000,00 денари по основ на позајмица биле префрлени на неговата лична сметка, а останатите во износ од 45.833.000,00 денари правното лице ги пуштило во оптек за плаќање по разни основи, соопштуваат од ОЈО-ГОКК.

Од досегашните постапки во предметот „Империја“ , освен Обвинителниот акт против три лица произлегоа: пресуди за седум лица врз основа на предлог спогодби, истражната постапка што се однесува за МПМ и е против четири лица, меѓу кои едно лице е сведок – соработник на правдата во друг дел од предметот, е доставена на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје, за две лица донесена е Наредба за запирање на истражната постапка врз основа на чл.304 бидејќи за дејствијата што им се ставаат на товар извршени во период 2002-2004 веќе е донесено решение за истата работа од страна на друго обвинителство, за едно лице истражната постапка е запрена поради настапување на застареност на кривично гонење, за две лица меѓу кои е и лице кое за дел од истражната постапка се спогоди со обвинителствотое донесена Наредба за прекин на истрага поради настапување на околности што привремено го спречуваат кривичното гонење, а се однесува на укинувањето на пресудата за предметот Трезор каде против лицето се водеше постапка за предикативното дело на кривичното дело Перење пари , а во овој предмет се овде за перење и други приноси од казниво дело опфатено во овој предмет и за дејствија од 2009-2015 година за три лица меѓу кои се и двајца сведоци – соработници на правдата се донесени решенија за непреземање на кривично гонење.

Воедно, со одлука на судот, а по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во корист на РС Македонија е конфискуван имот во вредност од 10.676.653,00 евра, а со Обвинителниот акт е доставен и предлог во корист на државата од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292.333.000,00 денари или 4.753.382 евра, додава Обвинителството.