САД ќе ѝ дадат на Украина дополнителна воена помош од 1,85 милијарди долари, потврди Вашингтон за време на историската посета на украинскиот претседател Володимир Зеленски на САД.

Помошта ќе го вклучи „првиот трансфер на системот за противвоздушна одбрана Патриот“, соопшти американскиот државен секретар Антони Блинкен, додавајќи дека системот е „способен да соборува крстосувачки ракети, балистички ракети со краток дострел и авиони на значително повисок плафон од оние што беа претходно обезбедени“ системи за противвоздушна одбрана.

Руските напади од воздух во последните месеци беа насочени кон цивилната инфраструктура на Украина, како што се електрани, што доведе до масовни прекини на струја и недостиг на греење во делови од земјата.

Зеленски пристигна во Вашингтон вчера претпладне на своето прво патување во странство по руската инвазија врз неговата земја во февруари. За време на посетата, украинскиот претседател разговараше со американскиот претседател Џо Бајден пред лично да се обрати пред американскиот Конгрес.

Украинскиот лидер во својот говор пред американските пратеници повика на повеќе тешко оружје од САД за да и помогне на неговата земја да се одбрани од руските напади.

– Ве уверувам дека украинските војници можат сами да управуваат со американски тенкови и авиони, рече Зеленски на заедничката седница на Конгресот.

– Вашите пари не се во добротворни цели, тоа е инвестиција во глобалната безбедност и демократија со кои се справуваме на најодговорен начин, додаде тој.

Во своето обраќање, украинскиот претседател исто така предупреди дека е „само прашање на време“ кога Русија ќе ги нападне другите сојузници на САД „ако не ја запреме сега“.

– Светот е премногу меѓусебно поврзан и меѓусебно зависен за да дозволи некој да стои настрана, а во исто време да се чувствува безбедно, кога таквата битка ќе продолжи, рече тој, додавајќи дека следната година ќе биде „пресвртната точка … кога украинската храброст и американската решителност мора да ја гарантираат иднината на нашата заедничка слобода“.

Претходно, Бајден вети дополнителна поддршка за Украина во нејзината борба против Русија.

– Ќе продолжиме да ја зајакнуваме способноста на Украина да се брани, особено противвоздушната одбрана, и затоа ќе ѝ обезбедиме на Украина ракетна батерија Патриот, рече Бајден за време на заедничката прес-конференција со Зеленски.

Украинскиот претседател им се заблагодари на САД „од се срце“ за поддршката. Тој рече дека Украина е во добра ситуација на бојното поле „поради поддршката од САД“.

САД се најголемиот финансиски и воен поддржувач на Украина.

Кремљ претходно вчера го предупреди Вашингтон дека „проширувањето“ на опсегот на оружје што му се дава на Киев „сигурно води до ескалација на конфликтот и не е добро за Украина“.