Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во интервју за италијанскиот дневен весник Стампа изјави дека на Полјаците и на Италијанците им е преку глава од диктатите на европската бирократија и сакаат вистинска демократија.
Тој нагласи дека обнова на ЕУ е целта што ја делат тој и италијанската премиерка Џорџија Мелони, а таа цел може да се постигне со „враќање во идеолошките корени на ЕУ“.
– Европа на татковините, а не европска супердржава, вели Моравјецки.
Во врска со позицијата на Германија и Франција во ЕУ, Моравјецки рече дека „мора да се направи избор меѓу вистинската солидарност на еднакви земји и супердржавниот модел во кој одлуките се носат во неколку главни градови, додека другите земји се игнорираат“.
Моравјецки предупреди дека во најдобар случај послабите земји би можеле да бидат маргинализирани, а во најлош случај европскиот проект може дури и да пропадне доколку ЕУ стане алатка за исполнување на амбициите на најсилните играчи.
– Тоа е или принцип на едногласност или тиранија на моќниците. Друг излез нема, вели полскиот премиер Моравјецки.