Секој ден оваа Влада предводена од СДСМ и ДУИ има по некоја афера и скандал, јас набројав само неколку денеска на прес конференција, рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечарашното гостување во емисијата Што не е јасно што се емитува на телевизија Алфа.
Како прв скандал тој го посочи настанот на кој премиерот Димитар Ковачевски беше прашан како ќе продолжат во иднина и кога лидерот на ДУИ Али Ахмети му сугерираше како до сега.
„Веројатно со тоа мислеа како до сега со корупцијата, тоа е власт на корупција. Но, тоа е срам за власта, ама и за државата. Се издадоа еден куп пасоши, државјанства на белосветски криминалци. И тој што издаде поранешниот директор на АНБ веројатно ќе добие награда амбасадорско место, а тој што потпишал е унапреден во директор на АНБ и сето тоа наместо одговорност. Потоа беше скандалот Тајни имоти каде видовме дека еден куп функционери имаат непријавен имот, потоа секој ден сведочиме на нивната неспособност и пријави на бомби во училишта секој ден“, посочи Мисајловски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ заклучи дека нивното незнаење се чувствува во сите области.
„Значи многу потфрлија на безбедносен план, поранешните генерални секретари на Владата се на обвинителна клупа. Но, сите кои се вмешани во криминали не одговараат. Се надевам дека скоро ќе има предвремени избори и се ќе се прекине“, кажа Мисајловски.
Тој повтори дека Македонија има нелегитимен премиер, нема одговорност во политиката, ниту пред граѓаните, ниту членството го прифаќа, затоа е важно да излезете на избори.
„Ковачевски не бил ни во потесно раководство на СДСМ, нема обврска ни кон граѓаните бидејќи не излегол на избори“, посочи Мисајловски додавајќи дека Ковачевски се покажа неспособен за клучните државни прашања.
Според него СДСМ е во постојан пад и немаат начин да направат кревање на партијата, можеби пробуваат со оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ, како Христијан Мицкоски, актуелното раководство.
„Мицкоски е еден од најнапаѓаните претседатели, но ние имаме најголемо предимство и СДСМ знае дека ќе има промена на власта“, изјави Мисајловски.
Мисајловски се осврна и на фактот што партиите на Албанците како Беса, Алијанса за Албанците поминаа во оваа Влада на СДСМ и ДУИ и видоа дека со нив не може да се функционира.
„Сега за уставните измени и Касами рече дека нема да гласаат. За уставни измени најлегитимно е да се побара доверба од граѓаните и тие требаше уште на претходните избори да го објаснат тоа, а не вака целиот народ да биде огорчен.
Уставни измени нема да има бидејќи немаат мнозинство, имаат и проблем внатре во пратеничката група на СДСМ, а и во помалите коалициски партии кои јасно кажаа дека нема да гласаат“, посочи Мисајловски.