Вицепремиерот за европски прашања и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, во синоќешното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, ја отфрли идејата за влада на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, без ДУИ, по избори што би се одржале оваа пролет, а е „за“ можноста за предизборна коалиција во која би влегле сите партии, освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица, и која би настапила со заеднички листи за пратеници на избори во 2024 година.
За опцијата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички да ја формираат следната влада по избори напролет (за што, според „Плус инфо“, Заев зборувал пред дел од сопартијците), Маричиќ рече дека не слушнал ниту од Заев директно ниту од партијата дека има такви идеи. Прашан што мисли лично тој за таквата идеја, вицепремиерот одговори:
– Мислам дека тоа е нефункционална и непрактична идеја, којашто не е втемелена ниту на вредности, ниту, пак, е изводлива во пракса, вели Маричиќ за 360 Степени.
Спротивно од ова, Маричиќ не ја отфрли можноста за создавање предизборна коалиција во која би влегле партиите од сегашното мнозинство и други партии, освен ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
– Мислам дека сите овие идеи што имплицираат окрупнување на фронтот за европска Македонија и на фронтот што треба да ги носи промените, а фронтот треба да биде отворен за сите оние што искрено веруваат во европска иднина на С. Македонија, треба да го оставиме како тема на размислување, рече Маричиќ.
Овој став на Маричиќ беше даден во контекст на пораката од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, испратена од предновогодишниот прием на партијата, во која повикува на креирање таков „сојуз за европска Македонија“.