Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска имаше средба со Спенсер Бојер, заменик помошник секретар за одбрана за Европска и НАТО политика на САД, кој е дел од делегацијата на советникот на Стејт департментот Дерек Шоле, која е во посета на Македонија.

На средбата се разговараше за стратешкото партнерство меѓу РС Македонија и САД во рамки на одбраната, при што министерката Славјанка Петровска го запозна помошник секретарот Бојер за тековните проекти за модернизација и опремување на Армијата, чекорите кои ги презема С. Македонија во насока на зголемување на регионалната стабилност и безбедност, како и помошта и поддршката за Украина, соопшти МО.

Петровска истакна дека САД се наш долгогодишен стратегиски партнер во развојот на армиските капацитети и изрази благодарност за сојузничката поддршка од 106 милиони американски долари за модернизација, опремување и развој на капацитетите на Армијата во 2022 година. Таа потенцира дека САД одлучно ја демонстрираат својата заложба за мир, стабилност и просперитет на регионот и одлучно и посветено ја поддржуваат воената модернизација на Северна Македонија.

– Нашите стратешки партнери САД, недвосмислено ги поддржуваат нашите напори да изградиме современи интероперабилни сили и модерна Армија. Буџетот за одбрана во последните неколку години бележи невиден раст – бројките се непобитен доказ за нашата решеност да инвестираме повеќе во Армијата и нејзините припадници, рече Петровска.