Лидерот на Демократска унија за интеграција Али Ахмети доцна попладнево пристигна во Тирана на средба со премиерот на Албанија, Еди Рама. Покрај него е и првиот вицепремиер Артан Груби, јавува ТВ 21.

На прашањето за темите за кои ќе се разговара на оваа средба, Ахмети одговори дека ќе ги видат на средбата, но повеќе ќе се фокусира на зајакнување на заедничката стратегија кон заедничкиот европски пат.

„Средбата е пријателска, братска. Ќе ги видиме темите. Сите теми кои се профитабилни, особено ме интересира градење и зајакнување на заедничката стратегија за приближување на патот кон Европската Унија. Ова е исклучително важна мисија за нашата земја. Зајакнување на мирот, стабилноста и напредокот на економијата“ – рече Ахмети.

„Тема на средбата е внатрешно-политичката ситуација во … Македонија, улогата на албанските партии во надминувањето на ќорсокакот во Македонија за обезбедување мнозинство, бидејќи Собранието мора да направи одредени уставни измени поврзани со напредокот и продолжувањето на процесот на евроинтеграции“, наведува телевизијата „Њуз 24″.

Телевизијата потсетува дека на 19 јули 2022 година кога беа отворени преговорите за Албанија, преговорите беа отворени и за Македонија, но со услов од Бугарија која бара уставни измени со вметнување на бугарското малцинство во Уставот.

„Средбата ја свика премиерот Рама со лидерите на албанските политички партии во Северна Македонија. Учесници на средбата се Али Ахмети од ДУИ, Африм Гаши од Алтернатива, Мендух Тачи од ДПА и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците. Поканата ја одби Билал Касами од Беса“, додава телевизијата.