Извршниот одбор на СДСМ вечерва одржува седница, на која меѓу темите е можното проширување на владината коалиција. На седницата на ИО, како што потврдија од партијата, ќе стане збор и за актуелни состојби и мерки.

Како дел од активностите за евентуално зголемување на владејачкото мнозинство, во Владата денеска се одржа средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, на која, како што изјави Таравари, биле синхронизирани 90 проценти од програмските определби, но за кадровските решенија воопшто не разговарале.

Таравари рече дека влегувањето на АА во владиниот кабинет не е дефинитивно, но оти шансите за тоа се огромни.

Од Владата, пак, преку соопштение информираа дека работните состаноци на премиерот со парламентарните и вонпарламентарните политички партии, на кои фокусот е продолжувањето на европскиот пат и носењето одлуки исклучиво во интерес на граѓаните и државата, ќе продолжат и понатаму. Ковачевски и Таравари, како што соопштија, разговарале за повеќе актуелни теми врзани со стратешките определби на државата.

-Разговарани беа придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО, отпочнувањето на преговорите со ЕУ со крајна цел полноправно членство во ЕУ како и стратешкото партнерство кое Северна Македонија го има формализирано со Соединетите Американски Држави. Во фокус на разговорите помеѓу премиерот Ковачевски и Таравари беа и неприкосновената борба против корупција во контекст на реформските процеси кои се случуваат во државата, како и процесот на скринингот кој досега успешно се одвива, но и процесот на носење одлуки и реформи кои ќе придонесат до што поскора интеграција на земјата во ЕУ, се посочува во соопштението од средбата.