Скопското обвинителство ги отфрли кривичните пријави што Светскиот македонски конгрес ги поднесе против премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

 

„По преземените активности за проверка на наводите во пријавата, надлежниот обвинител утврдил дека во дејствијата на пријавените лица не се исполнети битните елементи на пријавените кривични дела, ниту, пак, на друго кривично дело кое се гони по службена должност“, соопшти Обвинителството.

СМК поднесе кривични пријави против нив за сторени повеќе кривични дела – „повреда на угледот на Република Македонија“, „Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците“, „Велепредавство“, „Загрозување на независноста“, „Здружување заради непријателска дејност“, „Злоупотреба на службена положба и овластување“ и за кривично дело „самовластие“.

Истовремено, во пријавата на СМК се наведува дека двете лица сториле и кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста3. „За ова кривично дело, согласно со чл.31 ст.1 алинеја 4 од Законот за јавно обвинителство, надлежно е Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Поради тоа, кривичната пријава е препратена на надлежно постапување во ова јавно обвинителство“, велат од Обвинителството.