Сите можни опции за решение за името се уште се отворени, јавува МИА повикувајќи се на високи извори на Владата на Македонија.

– Ниту едно име од предложените не е фаворизирано и се уште се разговара, вели изворот.

Во следните денови ќе биде познат датумот за средбата на двајцата премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев на која ќе бидат финализирани клучните детали за решението.

Според истиот извор, останува динамиката и тајмингот на конечно надминување на разликите околу името.

Според веќе објавеното, првиот чекор е премиерот Заев да го донесе договорот во македонскиот Параламент на гласање, а потоа со допис Грција да го извести НАТО дека го одобрува влезот на Македонија во Алијансата.

Следната фаза на 28 и 29 јуни на Самитот на ЕУ на Заев и официјално да му биде доделен датум за почеток на пристапни преговори на Македонија со Унијата, а на 11 и 12 јули на Самитот во Брисел да следува официјална покана за влез во НАТО.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров синоќа во Брисел изјави дека преговорите се во крајна фаза и можно е до 28 јуни, кога е закажан Самитот на Европската унија, да се најде решение.

– Преговорите со Грција не се само процес за решавање на разликата што ја имаме, туку и процес кој ќе не направи блиски сојузници, нагласи денеска Димитров.

Грчки медиуми објавија денеска дека се очекува првиот чекор да биде телефонски разговор меѓу премиерите на двете држави што би се остварил в четврток или в петок. Според нив, следува средба во Преспа на која би се потпишал договор.

Портпаролот на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос изјави денеска дека министрите за надворешни работи направиле голем напредок по средбата во Брисел.

– Се наоѓаме во финална линија, но никој не може да го предвиди исходот во толку сложени преговори. Јас и понатаму сум многу оптимист и ги очекуваме следните потези и следната фаза од преговорите, изјави Ѕанакопулос во интервју за државната телевизија ЕРТ и додаде дека е потребна трпеливост и изрази оптимизам за решение.

Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос нагласи дека според него, тоа е пакет и токму затоа „ништо не е договорено, сѐ додека не се договори сѐ“.