Американскиот претседател Џо Бајден ќе ја посети Полска од 20 до 22 февруари, во пресрет на првата годишнина од руската инвазија на Украина, соопшти Белата куќа.
Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа, рече дека Бајден јасно ќе стави до знаење дека САД ќе продолжат да испраќаат безбедносна и друга помош во Киев.
-Претседателот многу јасно ќе стави до знаење дека САД ќе продолжат да стојат покрај Украина онолку долго колку што е потребно, рече Кирби.
Советниците на Бајден со недели планираа како да ја одбележат годишнината од инвазијата, вклучително и можно обраќање. Тие веруваат дека е неопходно да се нагласи издржливоста на украинскиот народ заедно со континуираното единство меѓу сојузниците во неизвесните месеци што следат. Бајден ќе се сретне со полскиот претседател Анджеј Дуда и со источноевропските сојузници и ќе разговара за Украина, соопшти Белата куќа.
Русија ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година.